
Интервју со физиотерапевт Бранкица Перчинкова
- Eva Mileva
- 19/09/2023
- Blog, News, Social

1.Колку често помеѓу вашите пациенти можат да се сретнат лица кои имаат афазија?
Афазија претставува губиток или пореметување на јазичните функции, а до тоа доаѓа поради мозочно оштетување. Мозочните повреди може да бидат предизвикани од повреди на главата при мозочни удари, сообраќајни несреќи, тумори, поради недоволно снабдување на мозокот со крв итн. Со оглед на тоа што статистички гледано мозочните удари високо котираат во општеството ,помеѓу пациентите доста често можеме да сретнеме лица со афазија.
2.Дали се препорачува физикална терапија за лицата со афазија , колку често и кои се најзините придобивки?
Главната цел на програмата за рехабилитација е да им помогне на пациентите повторно да ги научат вештините што ги изгубиле како резултат на оштетувањата на мозокот .
Всушност на ваквите пациенти им е потребна деликатна рамнотежа на ментална и физичка стимулација секој ден. Количината на стимулација се менува и зависи од напредокот, односно се зголемува како пациентот напредува во неговото закрепнување. Успехот на рехабилитацијата зависи и од други фактори на кои не можеме да влијаеме итоа: старосна група, степен на оштетување, локализација на оштетување, но и од спремноста на терапевтот, вклученоста на котерапевтите (најблиското семејство на пациентот), мотивацијата на пациентот, возраста, неговата волја, однесување и карактер. Крајната цел на физиотерапевтот е подобрена независност и безбедност во домашната средина.

3.Кои се најчести вежби кои вие ги користите во вашиот третман и од што зависи нивното времетраење?
Се одредува неврорехабилитациона програма селектирајќи ги тие методи кои се соодветни за пациентот за постигнување на максимални успеси. Се одредуваат вежби за зголемување на моторната сила, координацијата и рамнотежата, вежби за стабилност, и пред се ре-едукација на пациентот за начинот на станување, користење на помагало, правилно одење и др. Неврорехабилитациониот програм задолжително треба да вклучува и употреба на голем број на уреди за тренинг/вежбање на горните и долните екстремитети со цел подобрување на кондиционирање на склетно мускулниот систем. Истотака како една од најефикасните видови на третман е и работната терапија, со цел да ја зголеми фунцијата на одземените делови на телото.

4.Со оглед на тоа што медицината постојано напредува,дали има некои нови третмани и вежби кои што се применуваат на лицата со афазија?
Во светот и во модерните центри за рехабилитација веќе се применуваат разни модели на роботи за роботска неврорехабилитација која дополнително го подобрува процесот на рехабилитација кај пациентите. Невророботиката е мултидисциплинарна област од последната деценија која ги поврзува знаењата од областите на невронауката, инженерството и компјутерските науки.
Со напредокот на технологијата во областа на неврофизиологијата, заклучено е дека мозокот има својство на пластичност.
Невропластичноста значи способност на мозокот постојано да се менува на барање на околината и до крајот на животот. Со други зборови, невропластичноста значи дека НЕМА НЕВОЗМОЖНО.
