Интервју со клинички логопед – Антевска Станислава

Да се запознаеме со…

Антевска Станислава, дипломиран дефектолог

                                        Дипломиран клинички логопед,
                                        Магистер менаџмент на човечки ресурси
Вработена во ЈЗУ Центар за патологиja на вербална комуникација

Со долгогодишно искуство во работата со деца и возрасни кои што имаат проблеми во говорната патологија и со особено залагање во работата со лица со повреди на мозокот – инсулти. Има учествувано на голем број домашни и меѓународни конференции во доменот на дефектологијата и логопедијата.

Како изгледа рехабилитација по мозочен удар?

Рехабилитацијата по мозочен удар има за цел да им помогне на пациентите, да бидат независни и да имаат квалитетен живот и повторно да развијат вештини неопходни за секојдневно функционирање. Рехабилитацијата најчесто започнува во болница откако ќе се стабилизира состојбата на пациентот. Станува збор за мултидисциплинарен пристап, кој обично се состои од работа со логопеди, физиотерапевти и професионални терапевти .

Што се однесува до логопедскиот третман, започнуваме со вежби на оралната праксија со цел подобрување на орофацијалната моторика, вежби за спознавање на самиот себе, шема на телото, латерализација, просторна ориентација, коишто се само почетниот дел од вежбите.

Кога веќе ќе бидат усвоени горенаведените вежби преминуваме на гласовните, односно говорни вежби. Започнуваме со плозиви кои ги сметаме за основни гласови на формирање на говорот(п, б, т, д, к, г) и најпрво ги учиме изолирано.

                

Слоговни плозиви со вокали                

Плозивите ги вежбаме пред огледало или со гледање во устата на соговорникот сè со цел да ги препознае визуелно за кои глас станува збор, а потоа истите да ги изговори. Покрај визуелната вежба се работи и на слушна дискриминација, односно гласот се кажува на тој начин што пациентот не гледа во устата на соговорникот.

На пример ТА+ТО=ТАТО, кога сме го добиле зборчето ТАТО тоа значи дека веќе имаме кратки зборови со плозиви и преминуваме на кратки реченици со плозиви, на пример: ТАТО ПИЕ ПИВО. Истава вежба може да биде поддржана и со помош на слика, на пример: Човек + пиво = тато пие

Веќе во третата фаза од вежбите имаме препознавање на прочитан текст, одговарање на прашања, раскажување со свои зборови и дијалог со познати и непознати соговорници.

Во одреден број случаи, вежбите може да завршат само со усвојување на изолирани гласови или нивна комбинација во кратка, проста реченица. Најрадосен момент кој сите ние го очекуваме е кога говорот ќе го вратиме во целост и пациентот ќе се врати во нормалното секојдневие.

Тежината на мозочниот удар и времето кога започнале логопедските вежби ни го одредуваат говорното ниво со кое ќе завршиме, но во секој случај на пациентот настојуваме да постигнеме максимум.

Ниту еден мозочен удар не е ист и влијанието на преживеаниот со мозочен удар и нивните фамилии/или личности кои се грижат за нив може да биде уништувачко и повеќекратно. Освен телесните функции, мозочниот удар исто така ги афектира и секојдневните активности од неспособност за самостојно извршување на основните физиолошки потреби па сè до посложени активности. Колку овие последици влијаат на преживеаниот од мозочен удар и неговата околина, во голема мера зависи од рехабилитацијата после мозочниот удар. Една третина од преживеаните од мозочен удар излегува од болница без никакви последици и продолжува да го живее животот како ништо да не се случило. Но, една третина од преживеаните од мозочен удар се оставени со трајни последици, кои варираат во интензитет и величина.

Во зависност од тежината на нарушувањето, пациентите со мозочен удар може да бидат отпуштени дома после хиперакутната фаза или после акутната фаза. Ако преживеаниот од мозочен удар има мало нарушување и е способен за одење, зборување, голтање и функционирање без проблеми, во повеќето земји тој/таа ќе биде отпуштен од болница веднаш по хиперакутната фаза, т.е. кога неговото здравје е стабилно. Но, во некои земји, ова исто така се прави со сите преживеани од мозочен удар без разлика дали тие имаат мало или големо нарушување, главно поради тоа што веруваме дека е подобро за преживеаниот од мозочен удар да започне рехабилитација во домашни услови што е можно побрзо, така што пациентите можат да се опорават и да продолжат со својата секојдневна активност.

Сите логопедски вежби и други третмани на кои бил изложен пациентот имаат за цел да го постигнеме најдоброто за нормален и полесен живот.

Leave A Comment