pharmacy, health, medicine-3087599.jpg

Закрепнување после мозочен удар – Recovering After a Stroke

Презентери:
Дениз Линч, RN
Алиса Кари, PT, DPТ


Закрепнување по мозочен удар: Водич за пациенти и семејство

Во ова видео на тема закрепнување по мозочен удар и начинот на одвивање на
тој процес за пациентите и членовите од нивното семејство, ќе можете да ги
слушнете Дениз Линч, регистрирана медицинска сестра и координатор на
програмата за мозочен удар во Вашингтон и Алиса Кари, физиотерапевт и
координатор на клинички програми за рехабилитација во болницата во Вашингтон.
Постојат два различни видови на мозочни удари и тоа:
1. она што ние го нарекуваме исхемичен мозочен удар, а
2. другиот се нарекува хеморагичен мозочен удар.
Исхемичниот мозочен удар е предизвикан од згрутчување на крвта што го
прекинува или нарушува протокот на крв во крвните садови и така крвта,
нејзините хранливи материи и кислородот не може да стигне до мозочните клетки,
поради што тие умираат, односно тогаш настанува мозочниот удар. За разлика од
него, хеморагичниот мозочен удар настанува кога ќе пукне ослабен крвен сад и
крвта оди во мозокот, поради што се случува мозочен удар. Исто така, постои и
транзиторен исхемичен напад, што всушност претставува мини мозочен удар и се
карактеризира со симптоми како и мозочниот удар кои исчезнуваат во рок од 24
часа. Се проценува дека се јавува кај 200 до 500 илјади пациенти годишно и тие
се навистина важни бидејќи 9 до 20 проценти од оние пациенти кои имаат ваков
напад, може да имаат мозочен удар во следните 90 дена.
Во однос на причините односно ризик факторите, постојат неконтролирани
фактори на ризик и контролирани фактори на ризик. Неконтролирани се оние
работи за кои навистина не можеме да направиме ништо, како што е нашата
возраст, нашиот пол, нашата раса, нашата генетика, и токму затоа треба да се
фокусираме на контролираните фактори на ризик, коишто, како што кажува
самото име, зависат од нас и можеме да ги промениме за да спречиме
настанување на мозочен удар. Најчесто тука спаѓаат: висок крвен притисок, висок
холестерол, дијабетес односно шеќерна болест, атријална фибрилација, пушење,
недостаток на вежбање, дебелина и прекумерна употреба на алкохол или дрога.
Што се однесува до вообичаените знаци и симптоми на мозочен удар, клучно е
тоа што најчесто овде станува збор за ненадеен почеток на слабост или
вкочанетост на едната страна на телото, потоа ненадејна главоболка односно
главоболка каква што не сте имале претходно без позната причина, може да биде
ненадеен почеток на конфузија односно збунетост, проблеми со изнесување на
зборовите, проблеми со разбирање, може да биде проблем забележан во едното
или двете очи, проблеми со одење, вртоглавица, губење на рамнотежа односно
проблеми со координацијата на рамнотежата, така што во зависност од тоа каде
се јавува мозочниот удар постојат различни симптоми, па на пример, ако имате
мозочен удар во вашиот фронтален лобус, ќе имате повеќе когнитивни проблеми,

ако имате мозочен удар во париеталните лобуси, ќе бидат присутни повеќе од
симптомите поврзани со проблемите во моторната сензација, друг пример може
да биде окципиталниот лобус, каде што е вашиот вид, така што доколку дојде до
мозочен удар во тој дел, може да имате проблем непречено да гледате со едното
или двете очи.
Времето е многу важно за мозокот и треба особено да му се посвести внимание,
па затоа ако мислите дека вие или некој друг има мозочен удар, прво нешто што
треба да направите е да повикате медицинска помош и да стигнете до болница
најбрзо што можете. Особено е важно да се потенцира дека за секоја минута што
мозокот не се лекува, умираат 1,9 милиони мозочни клетки, така што колку побрзо
го третирате мозокот, толку подобар е вашиот исход.
Постојат многу различни видови на скали за проценка на мозочниот удар, што
може да одредат дали лицето има или нема мозочен удар, од кои како поважна
може да се издвои Синсинати. Тоа е всушност вагата што се користи на терен за
итни медицински услуги, при што медициснкиот персонал гледа во лицето на
пациентот и ја проценува неговата насмевка дали е симетрична или пак
асиметрична, дали има мала слабост на лицето и дали постои разлика во
наборите на лицето. Потоа, се замолува лицето да ги подаде рацете и да ги држи
10 секунди за да се процени дали има тресење или некоја слабост, дали можеби
дури и не ја креваат раката и потоа се замолува да ја повтори по медицинската
сестра реченицата ,,Небото е сино во Синсинати’’ па ако не можат да ги изговорат
тие зборови или е нејасно или нема смисла, тоа може да биде знак за мозочен
удар. Оваа алатка е всушност 80% доверлива и може јасно да одреди дали едно
лице покажува симптоми на мозочен удар. Важно е секогаш кога ќе забележите
некое лице кое видно покажува слабост во рацете, нејасност и неразбирливост на
говорот, како и искривеност на лицето односно нееднаквост на двете страни,
веднаш да побарате медицинска помош и да стигнете до болница најбрзо што
можете, за навремено и ефикасно да му се пружи соодветна помош на тоа лице.
Хеморагичните мозочни удари, за жал, имаат поголема веројатност да
резултираат со смрт и тежок инвалидитет. Ризик факторите кои доведуваат до
нивна појава најчесто се: хипертензијата односно високиот крвен притисок на прво
место, староста односно ризикот од појава на хеморагичен мозочен удар се
зголемува како што старееме, нашите крвни садови малку ослабуваат што
доведува до нарушувања на коагулацијата односно проблеми со засирувањето на
крвта како ризик фактор, зголемена употреба на алкохол, употреба на дрога,
метамфетамин кокаин, што ги ослабува крвните садови, а исто така и доведува до
појава на исхемичен мозочен удар. Што се однесува до знаците односно
симптомите кои укажуваат на хеморагичен мозочен удар, како главни може да ги
наброиме следниве: силна главоболка, како што никогаш претходно не сте имале,
гадење и повраќање, намалено ниво на свест што значи дека пациентите често се
многу поспани или се во кома и имаат екстремно висок крвен притисок.

Опциите за третман на хеморагичните мозочни удари се обично конзервативни и
она што сакаме да го направиме првенствено е да го намалиме крвниот притисок
со цел да го запреме крварењето со тоа што ако крвта е повеќе кон површината
на мозокот, неврохирургот ќе биде во можност да го отстрани тоа згрутчување на
крвта, а понекогаш може да стави дренажа во комората односно тоа е местото
каде што е церебралната спинална течност и така да успее да ја исцеди крвта со
што на тој начин понекогаш ќе успее да ја коригира каваи-алопатијата, но сепак
справувањето со крвниот притисок е клучно за ефектите од мозочниот удар.
Во однос на проблемите кои настануваат како резултат на ударот, ги има многу и
тоа: емоционални проблеми што се манифестираат како социјална депривација
по мозочниот удар, несоодветни вентилациони нарушувања на сензацијата, има
промена во сликата на телото, губење на независноста во извршувањето на
секојдневните активности, може да биде болка во рамото или лактот ако лицето
има добиено контактура при мозочниот удар, нарушена способност за
комуникација и сето тоа води до изолација, така што, за жал, депресијата е
најсериозната компликација на мозочниот удар, со тоа што се проценува дека
околу 50% од пациентите со мозочен удар ќе имаат знаци на депресија и неколку
месеци по мозочниот удар, а тоа може да биде или поради мозочниот удар -
очигледно дека самиот мозочен удар предизвикува депресија или може да биде
всушност биохемиски проблем во мозокот и честопати се манифестира и изгледа
како пациентот да има замор, може да има поспаност или слаб апетит како и
оправдано, преоптоварувачко чувство на загуба и постојано прашување ,,Зошто
јас?’’.
Чест проблем на пациентите кои доживеале мозочен удар е и несоодветната
вентилација на белите дробови, проблеми со голтањето, абнормален тон на
лицето, слабост на лицето, неможност за нормален внес на храната што може да
доведе до појава на аспирациона пневмонија и ова е всушност водечка причина
за смрт кај пациентите со мозочен удар. Следно, како проблеми може да се
појават и нарушувања на сензацијата, така што на пример ако имате делумна или
целосна вкочанетост на едната страна од телото и додека правите појадок наутро,
ненамерно ја ставите раката на горилникот, ќе биде потребно некое време за тој
импулс да дојде до мозокот бидејќи немате сензација таму, така што како
последица може да настанат изгореници и распаѓање на кожата при инфекции.
Исто така, може да дојде до појава на инконтиненција на дебелото црево и
мочниот меур, така што 50% од пациентите со мозочен удар ќе имаат
инконтиненција во акутната фаза што често доведува до непријатност и
понекогаш е тешко за семејството или старателите да се справат со ова.
Понатаму, може да има дефект на кожата, потешкотии во комуникацијата односно
неможност за јасно и течно изразување, така што пациентите со афазија
понекогаш нема да можат да изговорат ниту еден збор, а можеби дури и нема да
бидат во можност да кимнат со да или не како одговор, или пак можеби не се во
можност да разберат што им се кажува или се бара од нив и тоа може да доведе
до изолација, како и абнормален тон, па ако некој има слабост на едната страна

или парализа што го отежнува одењето и грижата за себе, тоа доведува до
дисфункција и нарушена хигиена, секако ја менува сликата за телото и ја
нарушува самодовербата.
Одговорот на сите овие проблеми е рехабилитација и тоа е првото нешто за кое
треба да се размислува по акутната фаза. Професионалните терапевти кои
спроведуваат ефективни интервенции за рехабилитација рано по мозочниот удар
значително го подобруваат процесот на закрепнување и ја минимизираат
функционалната попреченост, со што успешно спречуваат да се случи уште еден
мозочен удар, така што се обидуваат да идентификуваат што го предизвикало
мозочниот удар – дали тоа можеби бил високиот крвен притисок за кој не сте го
посетиле вашиот лекар неколку години наназад и ви овозможуваат соодветна
терапија за тоа. Многу важно е да се спречат компликациите како аспирацијата и
да се одржи безбедноста, така што по акутната фаза од престојот во болница,
особено внимание треба да се посвети на подготовка за одење на акутна
рехабилитација каде вежбате наутро и навечер околу три недели со стручен тим
од лекари и медицински сестри, физиотерапевти, професионални терапевти,
логопеди итн., но пациентот и семејството се клучни членови на овој тим, особено
во првите два месеци по мозочниот удар бидејќи во тој период, пациентите го
остваруваат своето најголемо подобрување. Негувателите имаат големо влијание
врз долгорочна благосостојба на преживеаните од мозочен удар, а тие помагаат
да се одржат и придобивките постигнати со рехабилитацијата, која, бидејќи
овозможува значително подобрување на инвалидитетот предизвикан од мозочен
удар, осумдесет проценти од преживеаните од мозочен удар се враќаат дома,
каде со негата и грижата за нив продолжуваат членовите на нивното семејство.
Во разговор со многу преживеани од мозочен удар, сите велат дека најважно е
пациентите што го доживеале тоа да не се откажуваат, туку да продолжат да се
борат со цел да се опорават колку што е можно повеќе.
Друга алтернатива може да биде домашната рехабилитација, при којашто
терапевтите би можеле да дојдат и да го проценат Вашиот дом, да направат сè
што е потребно за Вашата максимална сигурност во него, можат да обезбедат
медицинска опрема, инвалидска количка и да спроведуваат постојани вежби за
зголемување на независноста во вршењето на секојдневните активности, како и
подобрување на когнитивните и физичките функции, подобрена комуникација,
одржување на безбедноста со цел да се спречи нов мозочен удар и постигнување
на задоволителен квалитет на живот. Важното е дека сите работат заедно само
фокусирајќи се на рехабилитацијата, и во здраствената установа, но и во домот,
со цел да постигнат што подобри ефекти. Така, физиотерапевтите првенствено се
занимаваат со движење и рамнотежа, односно ги разгледуваат начините на кои
луѓето можат физички да функционираат, професионалните терапевти го прават
тоа чекор понапред и им помагаат на луѓето во нивната физичка функција, што се
однесува на грижата за себе и секојдневните активности, а потоа логопедите
всушност малку се преклопуваат со професионалните терапевти затоа што и тие,

исто така, работат на физичкиот аспект на јадењето или голтањето, на јазикот
како и на можноста за непречено и јасно изразување.
Примарните техники за рехабилитација започнуваат со физикална терапија,
кадешто фокусот е на поправање на оштетувањето и попреченоста на
пациентите предизвикана од мозочниот удар или правење модификации на
сегашната попреченост, додека работната или окупациона терапија бара тој
пациент да се примени себеси за целисходни и значајни активности кои му
помагаат на неговиот квалитет на живот. За разлика од нив, со невропластичноста
им помагаме на пациентите да ги преработат нервните патишта и ова не е
поврзано само со мозочниот удар, туку така функционира секојдневната личност,
на пример ако некогаш сте научиле нова вештина како свирење на пијано - тоа е
невропластичност, или пак ако некогаш сте научиле нов начин да возите или да
играте Судоку - тоа се работите кои всушност помагаат да го вежбаме нашиот
мозок и со тоа пациентите кои доживеале мозочен удар во суштина се обидуваат
да создадат нови нервни патишта кои ќе ги доведат до нивната крајна цел, а тоа
што е можно подобар квалитет на живот. Затоа, особено е важно да продолжиме
да се обидуваме и да работиме со она што го добиваме, со цел да им помогнеме
на пациентите и нивните семејства да воспостават нова нормала во нивниот
живот. Многу интересно нешто е ментална проба односно менталното
закрепнување кое може значително да придонесе за олеснување на засегнатите
делови од телото преку виртуелна реалност и интерактивни видео игри. Постојат
многу современи апликации дизајнирани од страна на невролозите кои
анализираат како функционира мозокот и тие се способни да преземат таква
стратегија и да ги натераат пациентите да го стимулираат тој дел од мозокот што
им бил оштетен при мозочниот удар за потоа да можат да го применат и во други
области.
Што се однесува до говорната терапија, за да можеме со неа да постигнеме
ефикасни резултати, прво треба да направиме разлика помеѓу неколкуте видови
на афазија или неможност за говор а тие се: глобална афазија, која претставува
тешкотија за читање и пишување и се изразува многу рано, така што може да има
пациенти кои на почетокот имаат проблем со разбирање или не можат јасно и
конкретно да вербализираат кои се нивните потреби. Следна е брока-овата
афазија, која уште се нарекува и нефлуентна или експресивна афазија.
Пациентите со Брока-ова афазија имаат делумно губење на јазичната способност.
Тие имаат потешкотии да зборуваат течно и нивниот говор може да биде
ограничен на неколку зборови одеднаш. За разлика од неа пак, пациентите со
мешана нефлуентна афазија имаат ограничен и напорен говор, слично на
пациентите со Брока-ова афазија. Сепак, нивните способности за разбирање се
поограничени од пациентите со Брока-ова афазија. Можеби знаат да читаат и
пишуваат, но не над ниво на образованието во основно училиште. Верникеовата
афазија, уште позната и како флуентна афазија или рецептивна афазија, го носи
ова име затоа што иако овие лица имаат нарушена способност да ги разберат

изговорените зборови, тие немаат потешкотии да продуцираат поврзан говор.
Личноста која боледува од аномна афазија не може да ги смисли вистинските
зборови за она за што сака да зборува. Имаат разбирање за граматиката и
говорот, но едноставно не можат да најдат зборови за да разговараат за што
сакаат. Примарна прогресивна афазија (ППА) е невролошки синдром во кој
лицето ја губи способноста да го користи јазикот полека и прогресивно. Додека
повеќето други форми на афазија се предизвикани од мозочен удар, ППА е
предизвикана од невродегенеративни болести како Алцхајмеровата болест. ППА
напредува како што ткивото во јазичните центри на мозокот се влошува со текот
на времето. Бидејќи оваа форма на афазија е поврзана со дегенеративни
нарушувања, ППА на крајот е придружена со други симптоми на деменција или
губење на меморијата.

Видеото може да се види на следниот линк https://www.youtube.com/watch?v=0S0OcsjsrNU

Leave A Comment